Стотици Авганистанци маршираа денеска во Кабул со барање да биде одмрзнат имотот што им го замрзна меѓународната заедница, кога талибанците ја презедоа власта во август. Станува збор за милијарди долари, кои Авганистанците бараат да им бидат одмрзнати оти земјата се соочува со растечка економска криза, која се заканува да се претвори во хуманитарна катастрофа.
Демонстрантите, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Дајте ни да јадеме“ и „Дајте ни ги нашите замрзнати пари“, маршираа по централната авенија и во близина на американската амбасада, а талибанците се грижеа за безбедноста за време на протестот.
Откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во средината на август, меѓународната заедница одби да ги признае како нови власти, барајќи од нив да формираат инклузивна влада и да им обезбедат на граѓаните основни човекови права.
По преземањето на контролата во земјата, клучните глобални донатори го блокираа најголемиот дел од нивната помош за Авганистан, а меѓународната заедница ги замрзна резервите на авганистанската централна банка што се чуваат во странство.
Истражувањето на Светската програма за храна минатата недела покажа дека околу 98 отсто од Авганистанците не јадат доволно, при што седум од 10 семејства позајмуваат храна, што ги турка подлабоко во сиромаштија. Цените на храната, горивото и другите основни производи растат, со што стануваат недостапни за многу луѓе, а расте притисокот и врз авганистанската валута.
Претходно овој месец Светската банка соопшти дека донаторите одобрија трансфер на 280 милиони долари од замрзнатиот фонд на две хуманитарни агенции за да му помогнат на Авганистан да одговори на хуманитарната криза.