Пендаровски: Може да ги прифатам или одбијам помилувањата

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека помилувања во принцип мора да има затоа што секогаш има барања. Според него, теоретски кажано, може да се добијат 30 или 50 предлози, а да не се прифати ниту еден. Во текот на гоидната, како што наведе, има 5 до 6 помилувања, а две се задолжителни по повод Нова година и 2 Август. Тој додаде дека помилувањата ги предлагаат Управите на затворите до Министерството за правда, од каде се препраќаат кон постојаната Комисија во Кабинетот на Претседателот, од каде потоа одат кај Претседателот.

„Сосема е независно какви се претходните одлуки на Управата на затворот, што предлагаат тие… Независно што предлага Министерството за правда и независно што предлага мојата комисија во Кабинетот - јас можам да одлучам како сакам. Можам да прифатам, а можам и да одбијам“, изјави денеска Пендаровски.

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска соопшти дека по консултација со Управата за извршување на санкциите, министерството донело одлука оваа година да не проследи предлог за новогодишни групни помилувања, односно листата целосно се поништува.

Листата претходно беше повлечена по реакциите во јавноста за некои од имињата предложени за помилување. Меѓу имињата на листата, како што објавија дел од медиумите, беа бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово.