Арсовски – Долгот на Славија е драстично намален, некој сака да ја лапне за бадијала

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на прес-конференција пред седиштето на фирмата Славија во Скопје

Славија има имот од над 20 милиони евра, а долгот на фирмата е драстично намален, и затоа власта сака да му ја продаде фирмата на нивни близок бизнисмен за само 218 илјади евра, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

На прес-конференцијата пред управната зграда на Славија, која се наоѓа меѓу Универзитетот ФОН и Бриколаж, Арсовски рече дека само таа зграда, според проценките од 2016 година, чини 9 милиони евра, а целиот имот е над 20 милиони евра.

Арсовски вчера обвини дека се прави обид за тежок криминал, односно без нова проценка на имотот, власта сака да му ја продаде Славија на бизнисмен близок на семејството Заеви за 100 пати поевтино отколку што чини.

Агенцијата за управување со одземен имот пред десетина дена објави оглас за продажба на акциите на АД Славија. Според огласот, се продаваат 98 отсто од акциите на компанијата за 218 илјади евра, односно по почетна цена од 51 евра за акција. Акциите се продаваат во пакет.

Според проценката од 2012 година, Славија вредела 25 милиони евра и имала долг од 17 милиони евра. Владата тогаш ја стави на продажба за 7,3 милиони евра, но не се најде купувач.

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани вчера рече дека фирмата навистина вредела 25 милиони евра во 2012 година, но оти владата на Никола Груевски од 2012 до 2017 година „тајно и на парче“ ги продала најубавите имоти на фирмата. Асани, сепак, призна дека не е направена нова проценка на имотот.

Арсовски денеска вели дека имотот на Славија не е продаван тајно, туку јавно и со тие пари е намален долгот, кој според него, сега е меѓу 4-5 милиони евра, а имотот на фирмата е неколкукратно поголем.

„Во најава е груб криминал, во најава е брутално распродавање на имотот на граѓаните за смешна цена, дури 100 пати под продажната и тоа во период кога се менуваат две гарнитури во СДСМ и Владата, за да мислат дека никој нема да сноси одговорност. А се знае, ќе отиде во рацете на некој близок до картелот на власт“, рече денеска Арсовски.

Тој ги повика сите институции и Антикорупциската комисија да се произнесат за овој случај и предупреди дека ќе има одговорност.

Откако поранешниот сопственик на Славија Кирил Кочевски во 2007 година беше осуден на 6 години затвор поради измама и злоупотреба на службена должност, во 2010 година неговите акции ги заплени Агенцијата за управување со одземен имот.