Усвоен законот за прогласување недела неработен ден

Министерката Јагода Шахпаска

Министерството за труд и социјална политика информираше дека со 62 гласа „за“ и ниту еден против пратениците во Собранието го усвоија Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кои недела станува ден на неделен одмор.

„Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92% од работниците,“ порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на Законот за работните односи со кој се утврдува недела како неработен ден.

Шахпаска рече дека законското решение овозможува воспоставување на рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.

„Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Непочитувањето на ова законско решение го утврдува Државниот инспекторат за труд и на работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена, а доколку го повтори прекршокот во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата“, рече Шахпаска.

Според неа, вработените во трговските центри кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница. Дополнително, како што наведе, 2 отсто од прометот во трговските центри во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.