Холандските градски средини денеска се претежно празни, бидејќи земјата почна со вонредно затворање за да се спречи очекуваниот пораст на новозаразени со ковид-19 откако се појави новиот сој на вирусот Омикрон. Сето ова предизвика промени на плановите на Холанѓани за прослава на божиќните празници.
Премиерот Марк Руте го објави затворањето вчера вечерта. Според одлуката, ќе бидат затворени сите услужни дејности, освен суштинскте. Тоа подразбира дека најмалку до 14 јануари ќе бидат затворени рестораните, фризерниците, спортските сали, музеите и другите јавни места.
Новите ограничувања, исто така вклучуваат и забрана за собири надвор на повеќе од две лица. Рестрикциите беа неочекувани, а многу луѓе побрзаа во саботата да купат подароци или да направат празнична фризура во последен момент.
Работниците во угостителството побараа отштета за изгубените приходи за време на празничната сезона.
„Затворањето на сите барови и ресторани во ваков важен месец е неверојатно болно и драматично. Ни треба компензација и стратегија за излез“, соопшти холандското здружение за угостителски услуги.
Бројката на новозаразени со коронавирус во Холандија паднаа откако минатиот месец стапија во сила мерките за вечерните затворања. Но, случаите од сојот Омикрон рапидно се зголемуваат и се очекува варијантата да стане доминантна пред крајот на годината.
Болниците веќе ги откажуваат редовните операции бидејќи се обидуваат да задржат празни болнички кревети поради големиот број пациенти заразени со ковид-19.
Владата, исто така, во саботата рече дека ќе ја забрза програмата за вакцинација. Повеќе од 85 отсто од возрасните Холанѓани се двојно вакцинирани, но помалку од девет отсто примиле трета доза, што е една од најниските стапки во западна Европа.