Германската министерка за одбрана бара построги санкции за Русија

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт побара построги санкции кон Русија поради трупањето руски војници во близина на границата со Украина. Таа рече дека одговорните за каква било агресија мора да сносат „лични последици“. Ламбрехт за германскиот неделник „Билд ам Зонтаг“ рече дека Германија и сојузниците треба да ги држат рускиот претседател Владимир Путин и неговите соработници придружба „пред очи“.

„Мораме да ги искористиме сите можности за дипломатски и економски санкции. Сите понатамошни чекори треба да бидат договорени со нашите сојузници“, рече таа.

Овие ставови на Ламбрехт се објавени денеска, кога таа е во посета на германските војници кои се распоредени во Литванија како дел од мисијата на НАТО. Нејзината посета доаѓа во време на зголемена загриженост за регионалната безбедност откако Русија распореди околу 100.000 војници во близина на границата со Украина.

Германија обезбедува околу половина од 1.200 војници на мултинационалната борбена единица на НАТО во Литванија.
Како одговор на нелегалната анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година НАТО ја зајакна заштитата во своето источно крило. Заедничките борбени единици се стационирани во трите балтички држави и во Полска. Ламбрехт ја презеде функцијата министер за одбрана овој месец во новата германска влада предводена од канцеларот Олаф Шолц.