Француската амбасадорка во Бугарија-да се создаде можност за помирување меѓу Скопје и Софија

Францускиот претседател Емануел Макрон се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Зоран Заев на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Брдо кај Крањ на 6 октомври 2021

Француската амбасадорка во Бугарија, Флоранс Робин во гостувањето на емисијата „Светот и ние“ на Бугарската национална телевизија, изјави дека е свесна оти меѓу Софија и Скопје постои спор, но најважното за неа е потребата да се создаде можност за помирување меѓу двете земји.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Робин истакна дека не станува збор за давање зелено светло за влегување на Република Северна Македонија во Европската Унија, туку за почеток на преговори, кои ќе потраат повеќе години. Таа говореше за приоритетите на Франција во текот на престојното претседателство со унијата, а меѓу нив се и да се преземат чекори да се отворат позитивни патишта за Република Северна Македонија, а не да се случи ситуација, во која земјата би се дестабилизирала.

Освен тоа, додаде таа, Бугарија, која е членка на ЕУ, може да постапи на начин со кој ќе помогне. Француската амбасадорка изјави дека истовремено треба да бидат заштитени законските интереси на Бугарија и нагласи дека Балканот е во срцето на Европа.

„Тоа е факт како од географска гледа точка, така и од историска. Балканот имаше многу важна улога во судбината на Европа и затоа претседателот Макрон е убеден дека Европа треба да преземе поголем ангажман на Балканот, како на политички, така и на економски план.Треба да се направат напори за инвестиции, за развој на инфраструктурата, за повеќе солидарност“, истакна Робин.

Од политичка гледа точка според Робин потребно е да се даде на знаење каква е политичката перспектива на Балканот. Франција го презема шестмесечното претседателство со Европската унија од први јануари 2022 година. Францускиот амбасадор во Македонија деновиве во интервју за емисијата 360 степени рече дека може да се очекува францускиот претседател Макрон да преземе чекори и иницијатива за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје без да открие детали.