Турција повторно ги намалува каматните стапки во неконвенционалната економска политика

Истанбул

Турската централна банка четврти месец по ред ги намалува референтните каматни стапки, што доведе до пад на лирата на историски најниско ниво во однос на доларот.

Централната банка денеска ја намали основната каматна стапка на 14 од досегашните 15 проценти. Од септември, каматните стапки се намалени за 5 процентни поени, како дел од контроверзната политика на претседателот Реџеп Таип Ердоган за намалување на каматите за олеснување на инфлацијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Турците чекаат ред за евтин леб, инфлацијата ја јаде заработката

Лирата падна на историско најниско ниво и сега еден долар се менува за 15,6 турски лири. Од почетокот на годината, лирата изгуби повеќе од половина од својата вредност.

Падот на лирата и зголемените цени им отежнаа на луѓето да купат храна или други основни добра.

Во обид да ги ублажи тешкотиите, Ердоган најави зголемување на минималната плата за 50 отсто од почетокот на наредната година и повеќе нема да се оданочува заработката.

„Решени сме да ставиме крај на (флуктуацијата на цените) што е можно поскоро“, рече Ердоган во телевизиското обраќање.

Турскиот претседател тврди дека неговиот пристап на крај ќе ја направи Турција помалку зависна од надворешни фактори, како што се обемот на странски инвестиции и цената на увозните производи.

Главниот опозициски лидер Кемал Киличдароглу рече дека со зголемувањето на платата, тие што ја примаат „ќе може да дишат“, но изрази загриженост дека инфлацијата наскоро ќе го изеде покачувањето.