Еврометар 2021 - Бугарското вето не ја намали поддршката за членство во ЕУ

Центарот за европски стратегии Евротинк го презентираше истражувањето Еврометар 2021

И покрај бугарското вето, поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската унија останува стабилна и бележи благ раст од два отсто, во споредба со минатата година, покажа анкетното истражување Еврометар 2021 кое денеска го презентираше Центарот за европски стратегии Евротинк.

Рекорден број од 75 отсто од граѓаните се изјасниле дека би гласале за влез во Европската унија доколку има референдум за ова прашање, а една третина сметаат дека интеграцијата на земјава во Унијата ќе се случи во наредните пет години.

„Шеесет и девет проценти од јавноста сметаат дека членството на Македонија во Европската унија е добра работа, меѓутоа околу половина не се задоволни од односот на ЕУ кон Македонија, кој сметаат дека е нефер и уценувачки најмногу поради ветото од Бугарија. Сепак, 30 отсто од граѓаните сметаат дека тој е фер и пријателски. Околу две третини сметаат дека Европската унија е најдобрата алтернатива за Македонија, наспроти една третина кои сметаат дека треба да се бара сопствен модел за развој надвор“, истакна Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк.

На прашањето дали ЕУ е најдобрата алтернатива за земјава, позитивно одговориле 63 отсто, што досега е рекордно висок процент, забележуваат од Евротинк. Овој процент е најмал кај етничките Македонци каде паѓа под 50 проценти, додека е повисок кај останатите етнички заедници.

„На прашањето дали членството во ЕУ би било позитивна работа, гледаме дека тој евро ентузијазам е многу повисок кај етничките Албанци, и кај другите етнички заедници, отколку кај етничките Македонци, иако и тој е висок процент, 57 проценти“, појаснува Николовски.

Една третина од испитаниците сметаат дека постои закана кон Македонија од други држави, при што на прво место се споменува Бугарија. Сепак, ако потенцијална закана во Бугарија лани гледале дури 78 отсто од испитаниците кои сметаат дека странска држава е закана за Македонија, годинава бројот се намалил на 23 отсто. Од друга страна најголемо пријателство граѓаните изразуваат кон Србија, а потоа кон САД, ЕУ, Турција, Германија итн.

„Во однос на оние кои сметаат дека работите во државата се движат во добра насока, гледаме дека досега ова е рекордно најниско ниво на граѓани кои се изјасниле, а од последното истражување овој број е паднат за 3 проценти и е на 19 отсто“, забележува Николовски.

За влез во ЕУ, најголем процент очекуваат во следните 5 години, 32 отсто, наспроти 17 отсто кои веруваат дека МК никогаш нема да влезе во Европската Унија. Притоа, 40 отсто од испитаниците сметат дека нема демократија во државата.

Истражувањето ги мереше и ставовите на граѓаните во однос на довербата во институциите. Притоа, најголема доверба има во Армијата (47 проценти), во Претседателот (31 отсто), во религиозните заедници (30 проценти) како и во полицијата (25 отсто). Граѓаните се изјасниле дека најмалку им веруваат на судството и обвинителството, само 8 проценти.

Истражувањето Еврометар 2021 ги мери ставовите во однос на Европската Унија, надворешната политика како и довербата во институциите, безбедносната ситуација и работењето на полицијата. Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата Брима, од 23 до 30 ноември, 2021 година, на репрезентативен примерок од 1001 испитаник. Центарот за европски стратегии Евротинк ова истражување го спроведува од 2014 година.