Заев: одлуката за оставката ќе ја донесам следната недела

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев вечерва најави дека одлуката за оставката на премиерската функција ќе ја донесе во текот на наредната недела. „Овие денови завршуваме со консултациите со коалициските партнери. Тоа што можам да го кажам е дека се заокружуваат важни процеси и програмски и владини и кадровски, така да ќе ја донесам одлуката некаде на почетокот на следната седмица и штом ја донесам веднаш ќе соопштам и кога точно ќе биде формализирана пред Собранието“, изјави Заев за ТВ 24 кој вчера во седиштето на СДСМ и формално му ја предаде лидерската фуннција на новиот претседател на партијата Димитар Ковачевски.

Ковачевски ја презеде од Заев функцијата претседател на СДСМ

Во однос на бугарското вето, Заев се надева дека новата бугарска влада ќе ги даде позитивните реакции, наведувајќи дека македонската страна е на располагање да се допрецизираат деталите со Владата во Софија. „Знаејќи дека на 13-ти се формираше новата бугарска влада не можете да очекувате на 14-ти Советот за општи работи каде што присуствуваат министрите да донесат одлука. Јас навистина не губам надеж дека новата бугарска влада со помош на претседателот Радев ќе ги дадат позитивните реакции. Конечно имаме дадено наши одговори и верувам дека се надминати сите недоразбирања. Ако остануваат детали ние сме на располагање како држава, под раководство на идниот премиер да ги допрецизираме и да ги разговараме“, рече Заев .

Дали планот на Петков ќе ја забави или забрза македонската интеграција?

Тој изјави и дека со новиот премиер на Бугарија Кирил Петков разговарале дека не подоцна од шест месеци прашањето треба да се реши и се согласиле дека треба да се формираат работни групи за енергетика, инфраструктура, економија, култура, здравство за, како што кажа, да можат да создаваат амбиент да се надминат проблемите. Заев очекува токму одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ да биде и еден од првите големи успеси на новиот премиер Димитар Ковачевски. Заев смета дека не се потребни предвремени парламентарни избори за да може државата, односно економијата да расте и да се развива.