Ковачевски ја презеде од Заев функцијата претседател на СДСМ

Поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и неговиот наследник Димитар Ковачевски

Димитар Ковачевски денеска официјално ја презема функцијата лидер на СДСМ. Досегашниот претседател на партијата Зоран Заев, како што информира прес службата на СДСМ, му ја честитал победата на Ковачевски и му посакал успешен мандат.

„Претседателе ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста“, му порача Заев на Ковачевски.

Ковачевски му се заблагодарил на Заев за придонесот во водењето на партијата, но и на Владата во изминатите години.

„Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои што денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ“, истакна Ковачевски.

Тој изјави и дека ќе има промени во раководството на СДСМ ќе има.

„Согласно со процедурите ќе имаме седница Централен одбор на која ќе ги информирам за разговорите со коалиционите партнери. Планирам да предложам неколку нови членови на ЦО и раководство на партијата кое ќе вклучува членови и на постојното, но и нови лица“, изјави Ковачевски за ТВ24.

Ковачевски на вонредните внатрепартиски избори на 12 декември со 37.649 гласови од членството беше избран за нов претседател на СДСМ. Заев кој беше лидер на СДСМ од 2013 година по неуспехот на локалните избори во октомври најави оставка од лидерската и премиерската функција.