Макрон и Шолц во Брисел ќе се сретнат со Зеленски

Макрон и Зеленски

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Брисел треба да разговараат со украинскиот претседател Володимир Зеленски поради загриженоста на Западот за концентрирањето руски војници во близина на украинската граница.

Се очекува состанокот да се одржи непосредно пред самитот на лидерите на Европската унија со нивните колеги од програмата за Источно партнерство на ЕУ - Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија и Украина.

Состанокот во Брисел се случува во време кога Украина и нејзините западни поддржувачи ја обвинија Русија дека во последните недели распоредила десетици илјади војници во близина на заедничката граница. Според нив тоа може да биде увертира во можна инвазијата веќе следниот месец.

Руските власти негираат дека Москва подготвува каква било офанзива. Тие ја обвинуваат Украина за провокација и инсистираат на тоа дека имаат право да ги преместат своите сили каде сакаат во нивната земја.

Извори од германската влада велат дека главна тема на разговорите меѓу Макрон, Шолц и Зеленски ќе биде спроведувањето на договорите од Минск со цел да се стави крај на тековниот конфликт во источна Украина.

Русија тврди дека Киев не ги исполнува своите обврски од мировните договори од Минск од 2014 и 2015 година.

Франција и Германија посредуваат меѓу Украина и Русија во обидот да се најде решение за конфликтот.

Во борбите меѓу украинските владини сили и сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина од 2014 досега загинаа повеќе од 13.200 луѓе.