Во Албанија уапсен за корупција поранешен министер

Тирана

Поранешен албански министер за животна средина е уапсен под обвинение за злоупотреба на службената положба и корупција, соопшти Албанското обвинителство. Канцеларијата на Специјалното обвинителство за корупција и организиран криминал соопшти дека поранешниот министер Лефтер Кока е уапсен по повеќемесечна истрага и обвинет за злоупотреба на службената положба, корупција и перење пари во врска со договор за концесија за горење во градот Елбасан. Тој е обвинет за примање поткуп од 3,7 милиони евра. Педесет и седумгодишниот Кока беше министер за животна средина на Албанија од 2013 до 2017 година. Беше и пратеник и градоначалник на Драч. Неговите фирми се привремено блокирани. Уапсени се уште двајца бизнисмени. Доколку биде прогласен за виновен, Кока може да се соочи со затворска казна до 12 години.

Кога Балканскиот картел „им ја вози“ дрогата на јужноамериканските наркобосови

Десничарската опозиција во земјата ја обвинува левичарската влада на премиерот Еди Рама за перење пари и корупција при доделувањето договори за согорување отпад во вредност од околу 400 милиони евра на нивните бизнисмени. Третманот со ѓубрето остана главен проблем за албанските влади и главен приоритет во напорите за пристапување во ЕУ. Судските реформи во Албанија, усвоени во 2016 година со учество на САД и ЕУ, создадоа нови правни институции кои се занимаваат со корупција. Бројни судии и обвинители се разрешени поради обвинувања за корупција и незаконско стекнување имот и пари.