СЗО – Омикрон сојот на коронавирусот се шири со невидено темпо

Директорот на СЗО Тедрос Адханом Гебрејезус

Ниеден сој на коронавирусот досега не се ширел толку брзо како омикрон, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), која оценува дека сите земји се веќе погодени со овој сој.

„Досега 77 земји пријавија случаи на зараза со омикрон сојот, но реалноста е дека омикрон веројатно се наоѓа во поголемиот број земји, иако сè уште не е детектиран. Омикрон се шири со брзина која никогаш претходно не сме ја виделе кај кој било друг сој“, рече директорот на СЗО Тедрос Адханом Гебрејезус на прес-конференција.

Тој рече дека СЗО е загрижена затоа што луѓето сметаат дека овој сој е бениген.

„Иако омикрон предизвикува помалку сериозни болести, бројот на случаи би можел да ги преплави здравствените системи кои не се подготвени“, рече тој.

Тој исто така ја предупреди меѓународната заедница дека вакцината сама по себе нема да овозможи излегување од оваа криза и повика да се искористат сите противепидемиски мерки, како носење маски, проветрување на простории и одржување дистанца.

Тој исто така нагласи дека нема докази за ефикасноста на бустер дозите од вакцината против овој сој.