Над 50 загинати и 100 повредени во експлозија на цистерна на Хаити

Луѓе собрани околу местото на експлозијата

Најмалку 53 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени во експлозија на цистерна со бензин на северот на Хаити, соопштија денеска властите.

Властите веруваат дека синоќешната експлозија во градот Кап-Хаитијен се случиле по превртување на цистерната, откако возачот се обидел да избегне мотоцикл.

Во близина на местото на експлозијата изгореле околу 20 куќи. Се очекува раст на бројот на починати, зашто се уште не се опфатени луѓето кои загинале во своите домови.

Додека десетици тела лежеле на местото на експлозијата, мештаните со канти го собирале бензинот од цистерната и од улицата.

Експлозијата се случува во време кога Хаити се соочува со недостиг на гориво и вртоглав раст на цените на гасот, поради што болниците беа принудени да одбиваат пациенти, додека училиштата и некои фирми се привремено затворени. Владите на САД и Канада ги повикаа своите граѓани да ја напуштат земјата додека уште можат.

Хаити се уште се обидува да се опорави од убиството на претседателот Жовенел Моиз на 7 јули и силниот земјотрес на средината на август во кој загинаа над 2200 луѓе, а десетици илјади домови беа уништени.

Таа островска земја со над 11 милиони жители е погодена и со раст на бројот на киднапирања, поврзани со делувањето на бандите.