ЦУК апелира граѓаните да избегнуваат повисоките места кога се најавени снежни врнежи

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов упати апел до граѓаните да ја следат временската прогноза и да избегнуваат да одат на повисоките места доколку се најавени обилни врнежи на снег. Ваквите апели уследија по обилните снежни врнежи во делови на земјава за време на изминатиот викенд, дефектите со електричната енергија, како и поплавите.

Ангелов денеска на прес-конференција рече дека државата има ограничени капацитети за справување со снегот, но дека пред неколку денови, после 25 години, се набавени 15 возила со снежен плуг и солар, со што е подновен возниот парк на ЈП за одржување на магистралните и регионални патишта. Набавени се и три машини таканаречени утоварувачи коишто се користат при чистење на снег.

„Дел од возилата на ЈП за одржување на патиштата се застарени, некои се расипуваат на лице место, доаѓа до дефекти и тие застануваат чистејќи го снегот, потоа таму треба да биде испратена екипа која ќе ги поправи тие возила“, наведе Ангелов.

Тој додаде дека, од друга страна, граѓаните мора да бидат свесни дека ниту една држава, па дури ни најмоќните држави на светот, не можат одеднаш да ги исчистат сите патишта, особено кога снегот постојано паѓа.

Ангелов вели дека Центарот за управување со кризи ги прибира информациите од терен, ги обработува и ги координира надлежните субјекти.

Според последните информации од ЦУК, во делови од земјата има села што се уште немаат струја, сообраќајот до одредени села се одвива отежнато со теренски возила и во зимски услови. Забележано е и зголемен водостој на реките и се следи дали има опасност од поплавување.