Над 100 мртви во разорното торнадо во Кентаки

Американската сојузна држава Кентаки

Спасувачите во американската сојузна држава Кентаки и понатаму ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани, по низата силни торнада кои ја погодија таа американска држава, уривајќи многу семејни куќи и деловни објекти.

Властите стравуваат дека има над 100 загинати и предупредуваат дека се мали шансите да се пронајдат уште преживеани по разорните торнада кои однесоа жртви во најмалку пет американски сојузни држави.

Гувернерот на Кентаки Енди Бешер рече дека ова е најразорниот случај на торнада во историјата на неговата држава, со најмалку 80 потврдени смртни случаи, и оти бројот на жртви веројатно ќе надмине 100 загинати, пренесува Би Би Си.

„Ништо што било во директниот правец на торнадата веќе не е тука“; рече тој.

Во четири други американски сојузни држави се пријавени 14 смртни случаи во налетот на торнадата. Шест лица загинале кога торнадото урнало магацин на Амазон во Илиноис, во Арканзас е урнат старечки дом во кој загинале две лица. Четири лица загинале во Тенеси, а две во Мисури.

Американскиот претседател Џо Бајден прогласи голема сојузна катастрофа во Кентаки и нареди во најтешко погодените подрачја за да се стави на располагање федерална помош.

Повеќе од 300 припадници на Националната гарда одат од врата до врата и ги отстрануваат урнатините.

Гувернерот на Кентаки вели дека се надеваат на „чудо“ да пронајдат повеќе преживеани, но од саботата не е пронајден ниеден преживеан.

Бешер рече дека торнадото уништило места долж неговата патека од 365 километри. Илјадници луѓе останаа без дом, иако точниот број сè уште не е утврден.

Претходно, најдолгото торнадо во САД било невремето во Мисури во 1925 година, кое однело 695 животи. Вакви големи природни непогоди, надвор од пролетните или летните месеци, се исклучително ретки.