Путин – Распадот на СССР е пропаст на „историска Русија“

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин го опиша распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година како пропаст на „историска Русија“, коментар што може да ги поттикне шпекулациите за неговите надворешнополитички намери.

Руското трупање војници на границата со Украина го зголемува стравувањата дека Москва планира голема офанзива против соседната поранешна советска република.

„Тоа беше распаѓање на историска Русија под името Советски Сојуз“, рече Путин, зборувајќи во документарниот филм „Русија, понова историја“ што вчера беше емитуван на државната телевизија.

Путин, кој е поранешен агент на КГБ, и претходно оценуваше дека распадот на СССР е „најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“. Неговата изјава во документарецот покажува дека тој смета дека распадот на СССР ја уништи руската моќ.

Изјавата се емитува во време кога руските односи со западот се сериозно затегнати.

Москва во 2014 година нелегално го анектираше Кримскиот Полуостров од Украина и почна да ги поддржува сепаратистите во источна Украина во конфликтот во кој досега загинаа над 13200 луѓе.

Дополнително, Западот ја обвинува Русија дека трупа војници на границата во Украина како можна увертира за голема инвазија веќе од следниот месец. Г7 ја предупреди Москва дека ќе се соочи со тешки последици ако ја нападне Украина.

Руските власти, пак, тврдат дека имаат право да ги разместуваат своите сили каде сакаат низ земјата и негираат дека планираат каков било напад. Москва го обвини Киев за провокација, а НАТО дека сака да се прошири на исток.

Путин побара правно-обврзувачки гаранции дека НАТО нема да се проширува на исток или да го распоредува оружјето во близина на руска територија. Заменик-шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков денеска рече дека ќе има конфронтација доколку САД и НАТО не ги дадат гаранциите што ги бара Москва.

Претставници на САД и НАТО изјавија дека ниедна земја не може да стави вето на аспирациите за членство во НАТО на друга земја.

Во документарецот, Путин зборува и за влијанието што распадот на СССР го имал врз него лично. Тој рече дека периодот на економска и социјална нестабилност па распадот доведе многумина во сиромаштија, па дури и влијаел на неговиот живот, зашто бил принуден дополнително да работи како возач за да заработи плус пари, нешто што многумина во земјата го правеа во тоа време.

„Мислам на заработка на екстра пари како приватен возач. Непријатно е да се зборува за тоа, да бидам искрен, но за жал, тоа се случуваше“, рече Путин.

Русија беше главната од 15 републики во Советскиот Сојуз, кој се простираше од Балтикот до Централна Азија. СССР се распадна во 1991 година поради длабоки економски проблеми.