ЕУ воведува санкции за руските платеници од Вагнер груп

Вагнер груп ја води рускиот бизнисмен Јевгениј Пригожин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин.

Европската унија ќе ја санкционира руската приватна воена фирма Вагнер Груп поради кршење на човековите права во конфликтите низ светот.

Министрите за надворешни работи на ЕУ на денешниот состанокот во Брисел се очекува да дадат зелено светло за санкции за осум членови на Вагнер Груп и за уште три фирми поврзани со нив, велат официјални лица од ЕУ.

Санкциите предвидуваат забрана за патување, замрзнување на имотот што го имаат во ЕУ и забрана на фирми и поединци од ЕУ да соработуваат со санкционираната група.

Западните влади ја обвинуваат Москва дека ја користи групата Вагнер како паравоени сили во конфликтите во Украина, Либија, Сирија, Судан, Мозамбик и Централноафриканската Република.
Русија негира дена има врска меѓу владата и платениците, велејќи дека паравоените сили се само тренери или советници, и покрај тоа што има докази дека биле вклучени во борбени операции.

Санкциите ги побара Франција поради загриженоста за активностите на Вагнер груп во Африка, посебно во поранешните колонии Мали и Централноафриканската Република.

ЕУ е загрижена по извештаите дека воената хунта во Мали склучила договор со Вагнер груп да распореди сили во таа земја за да се одложат претседателските и парламентарните избори во таа земја планирани за следната година.

Франција водеше антитерористички операции против исламистите во областа Сахел, а ЕУ има мисија за воена обука во Мали.

Експертите на ОН во западните земји исто така ја обвинуваат Вагнер груп за кршење на човековите права заедно за владините сили кои се борат против бунтовниците во Централноафриканската Република.

Се верува дека Вагнер груп ја води рускиот бизнисмен Јевгениј Пригожин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. За Пригожин веќе има санкции од САД и ЕУ.