Итен состанок на штипскиот кризен штаб по зголемениот водостој на реката Брегалница

Илустрација, архивска фотографија

Градоначалникот на Штип Иван Јорданов за вечерва свика итен состанок на Кризниот штаб поради зголемениот водостој на реката Брегалница. Тој за новинската агенција МИА изјави дека водостојот на Брегалница, која поминува низ градот Штип е зголемен и тоа кај населбите „8 Ноември“ и „Ново Село“, а надлежните од ЈП „Исар“ стравуваат да не дојде до зголемување на водостојот и излевање на реката, со што би дошло до поплавување на бунарите, од коишто Штип се снабдува со вода за пиење.

Киро Маџунаров, кој речиси три децении секој ден го мери водостојот на реката Брегалница, вели дека попладнево измерениот водостој на реката бил над два метри. Тој посочи дека загрижува зголемувањето на водостојот, но низ годините и неговите податоци покажуваат дека критично ниво и алармантно за штипскиот регион е кога нивото на водата ќе достигне над два и пол метри, по што доаѓа до излевање на водата од коритото.

Забележува дека невообичаено е за овој период од годината да има поголеми, пообилни врнежи од дожд, со што доаѓа и до зголемување на водостојот на Брегалница, но и на нејзините притоки.