Избори во отцепениот молдавски регион Придњестровие

Сепаратистичките власти во отцепениот молдавски регион Придњестровие денеска организираат гласање за избор на де факто претседател. Изборите главно се игнорирани од официјален Кишињев и веројатно ќе има мала излезност на потенцијалните гласачи.

Отцепениот регион има околу 500 илјади жители. Сепаратистичките власти во Тираспол ги предводи Вадим Красноселски, кој се очекува повторно да победи против помалку познатиот Сергеј Пинзар.

Сиромашната Молдавија, сместена меѓу Романија и Украина, изгуби ефективна контрола врз Придњестровие, откако сепаратистичките лидери прогласија независност во 1990 година. Ниедна земја-членка на ОН не ја призна независноста.

Две години подоцна изби конфликт меѓу молдавската армија и придњестровските сепаратисти поддржани од Русија за контрола врз тесниот појас земја меѓу реката Дњестар и украинската граница. Русија има распоредено околу 1400 војници во Продњестровие, наводно за заштита на складиштата за оружје од советско време.

Красноселски го победи Евгениј Шевчук на избори за самопрогласеното претседателство во Тираспол во 2016 година.

Минатата година, тогашниот молдавски претседател Игор Додон му беше домаќин на Красноселски во Кишињев и за првпат во историјата на Молдавија му се обрати како на „претседател“, во потег директно насочен кон привлекување придњестровски гласачи.

Некои набљудувачи неодамна ја обвинија Москва дека го користи гасот за да ги казни Молдавците затоа што ја избраа прозападната претседателка Маја Санду наместо прорускиот Додон.

Молдавија и руската „Газпром“ се договорија

Санду на 22 септември го повтори повикот за заминување на руските војници од Придњестровие.

Молдавскиот парламент минатиот месец одобри буџет за државната енергетска компанија да го плати долгот кон руски Газпром за да се избегне нова енергетска криза.