Силна бура зафати неколку американски држави, расте бројот на жртви

Урнат покрив на дистрибутивниот центар на компанијата за он лајн трговија Амазон

Силна бура се движи низ Соединетите Американски Држави. Таа досега погоди неколку држави и резултираше со смртни случаи и штети предизвикани од неколку торнада. Гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар денеска изјави дека торнадото кое го погоди Кентаки во изминативе 24 часа е најголемото досега во историјата на Кентаки. Тој додаде дека само уривањето на покривот во една од фабриките предизвика голем број на смртни случаи.

„Веруваме дека бројот на загинати од овој настан ќе надмине 50 жители на Кентаки, веројатно ќе заврши поблиску до 70-100 изгубени животи“, изјави Бешеар.

Над 50.000 домови останаа без струја. Во Кентаки е прогласена и вонредна состојба.

Во американската сојузна држава Илиноис, торнадо предизвика делумно уривање на покривот на дистрибутивниот центар во сопственост на компанијата за он лајн трговија Амазон. Непознат е бројот на луѓе кои останаа заробени во зградата во моментот кога торнадото го погоди градот Сент Луис, соопшти локалната полиција.

„Спасувачките екипи успеаја да извлечат голем број затрупани луѓе од зградата. Сепак, не е јасно колкумина се уште се заробени внатре“ изјави началникот на локалната полиција Мајк Филбак.

Досега се евидентирани вкупно 19 торнада кои погодина неколку американски држави меѓу кои и Арканзас.