Најмалку 53 мигранти загинале при превртување на камион во Мексико

Превртениот камион во Мексико.

Најмалку 53 луѓе загинале, а десетици се повредени откако камионот во кој се превезувале се превртел во јужно Мексико, соопштија властите.

Најмалку 100 луѓе, за кои се тврди дека се мигранти од централна Америка, се наоѓале во приколката на камионот кога се превртел во државата Чиапас.

Тоа е една од најстрашните несреќи од тој тип во Мексико, а најмалку 58 луѓе се повредени, од кои некои потешко, изјави Луис Мануел Гарсија, шеф на агенцијата за заштита во Чијапас, пишува Би Би Си.

Тој рече дека меѓу жртвите имало мажи, жени и деца. Нивната националност не е потврдена, но локалните претставници велат дека повеќето луѓе се од Хондурас и Гватемала.

Камионот наводно возел брзо кога се превртел на остра кривина и удрил во пешачки мост на патот кој води кон главниот град на државата Чијапас, Тукстла Гутиерез.

Чијапас се наоѓа на границата со Гватемала и е главна транзитна точна за мигрантите без документи.

Стотици илјади мигранти, кои бегаат од сиромаштија и насилство во Централна Америка, секоја година се обидуваат да поминат низ Мексико и да се обидат да стигнат до САД. Многумина од нив плаќаат криумчари кои нелегално ги превезуваат во опасни камиони на долгото патување.

Според Меѓународната организација за миграции (ИОМ), американско-мексиканската граница е најсмртоносната граница на светот. Само оваа година најмалку 650 луѓе загинале во обид да ја поминат границата, најмногу од кога ИОМ води евиденција. Организацијата наведува дека има многу смртни случаи на патот кон граница, но е тешко прецизно да се документираат.