Макрон : Ние имаме историска одговорност кон Западен Балкан

Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон претставувајќи ги приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската унија во првите шест месеци од 2022 година се осврна и на Западен Балкан.

„Нашето непосредно соседство е Западен Балкан, ние ќе организираме во јуни конференција за Западен Балкан. Бидејќи повеќе од соседство, Балканот е срцето на Европа, доволно е да ја погледнете картата и нашата историја, во тој регион денес има нови тензии. Ние имаме особено историска одговорност кон Западен Балкан“, нагласи Емануел Макрон.

Според него, треба да се води политика на повторно ангажирање, но исто така на инвестирање за да се фаворизира економската интеграција на регионот, за да се развијат размените меѓу луѓето, за да се зборува за прашањата на малцинствата и да се борат против мешањето, манипулациите, кои, како што рече, се дело на повеќе регионални сили, кои бараат преку Балканот да ја дестабилизираат Европа.

„Треба да се појаснат европските перспективи, да се реинвестира во регионот и неговото единство и да се има вистинска заедничка амбиција за идните децении“, нагласи Макрон зборувајќи за европските перспективи на Западен Балкан.

Тој порача и дека нема да може да изградат Европа на мирот оставајќи го Балканот во оваа ситуација.