Летонија дозволи истрага против министерот обвинет за шпионажа за Русија

Јанис Адамсонс, поранешен министер за внатрешни работи и пратеник од Летонија

Летонскиот парламент изгласа да се дозволи истрага против Јанис Адамсонс, поранешен министер за внатрешни работи и пратеник од опозициската Социјалдемократска партија Саскана (Хармонија), кој е обвинет за шпионажа во корист на Русија.

За потегот на Јавниот обвинител да почне истрага против Адамсонс гласаа 60 пратеници, додека 18 беа против. Во јуни, парламентот му го укина имунитетот на Адамсонс за да се дозволи негово апсење и претрес на неговиот дом.
Медиумите објавија дека тој се сомничи за предавање информации за летонското законодавство, воените финансии, состојбата на источната летонска граница и ставот на оваа балтичка земја кон рускиот гасовод Северен тек 2 во изминатите четири години. Адамсонс ги негира обвинувањата.

Во време кога Летонија беше дел од Советскиот Сојуз, Адамсонс дипломираше на Високиот поморски политички колеџ во Киев во 70-тите години од минатиот век. Од 1979 до распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, тој служеше во советските гранични сили на Рускиот далечен исток.

Кога Летонија прогласи независност во 1991 година, тој стана командант на Летонската гранична служба и министер за внатрешни работи. Адамсонс е член на парламентарната комисија за одбрана, внатрешни работи и спречување на корупцијата.

Подобноста на Адамсонс да биде пратеник беше доведена во прашање во минатото од страна на политичари кои го обвинија дека бил припадник на КГБ додека работел во граничната служба на СССР. Летонија прогласи независност од СССР во 1991 година, и сега е членка на НАТО и ЕУ.