Ивановска - Заложбите на ДКСК не го даваат посакуваниот ефект

Државна комисија за спречување на корупција

Заложбите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) не го даваат очекуваниот резултат, рече денеска претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, на конференција „Избери го вистинскиот правец! Избери интегритет!“, со што се одбележа Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата – 9 Декември.

Таа вели дека главната заложба на ДКСК е градење на силни институции, преку јакнење на личниот интегритет на службените лица, кои со своето законито, независно, непристрасно, етичко одговорно и транспарентно вршење на работните обврски, ќе се спротивстават на корупцијата.

Претседателката на ДКСК вели дека се уште се високи ризиците од корупција што ги детектирале при подготовка на Националната стратегија во пред повеќе од две години.

„Тоа се силно политичко влијание, неказнивост, нетранспарентност и злоупотреба на дискреционите овластувања. Поради постоење на овие ризици не се целосно испочитувани препораките и укажувањата што ДКСК ги упатува кон останатите институции во системот“, истакна претседателката на Антикорупција.

Таа нагласи дека за ДКСК многу се индикативни и резултатите од последните истражувања од НВО, кои покажуваат дека корупцијата е најголем проблем за граѓаните, за разлика од претходните години кога на првите три места беа егзистенцијалните прашања.

Ивановска потсети дека за неполни три години ДКСК има донесено одлуки по вкупно 1.192 предмети, од нив 676 од областа на корупцијата, 281 за судир на интереси, 79 одлуки се за непочитување на законски одредби за време на изборен процес, а 156 се однесуваат на проверка на имотот на функционерите. Покренати се и над 1.128 постапки по сопствена иницијатива, а истовремено има примено и разгледано 2.400 пријави од граѓани, организации и институции.