Нови провокации на границата меѓу Азербејџан и Ерменија

Ерменски војник на границата со Азербејџан

Азербејџан и Ерменија меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето долж нивната заедничка граница. Примирјето беше склучено по нивната минатогодишна војна за спорниот регион Нагорно-Карабах.

Азербејџанското Министерство за одбрана денеска издаде соопштение во кое се наведува дека еден нивен војник бил убиен во текот на ноќта, како резултат, на како што пишува, „провокација на вооружените сили на Ерменија“ во близина на заедничката граница.

Ерменското Министерство за одбрана, во меѓувреме, соопшти дека азербејџанските сили отвориле оган врз нивните позиции доцна на 8 декември во источниот регион на нивната заедничка граница.

Ерменија го повика Азербејџан „да се воздржи од провокативни акции“.

Тензиите околу Нагорно-Карабах траат со години. Станува збор за етнички ерменски регион меѓународно признат како дел од Азербејџан, кој се отцепи од контролата на Баку во раните 1990-ти.

Минатата година двете земји војуваа шест недели при што загинаа повеќе од 6.500 луѓе. Борбите завршија со прекин на огнот со посредство на Русија. Според договорот за примирје Ерменците му отстапија на Азербејџан територии што ги контролираа со децении. Оттогаш, повремено има граничните тензии. Тензии имаше и минатиот месец во кои загинаа по неколку луѓе од двете страни.