Косовскиот заменик-министер за правда не доаѓа во Скопје

Оштетени куќи од вооружениот судир во кумановско Диво Насеље. мај 2015

Одложена е посетата на Скопје од страна на косовскиот заменик министер за правда Блерим Салаху, потврдува македонското министерство за правда за МИА.

За време на посетата на Скопје, Салаху требаше да го посети затворот „Идризово“ и да се сретне со тамошното раководство. Првично беше соопштено и дека косовскиот заменик министер ќе се сретне со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“. Потоа заменик-министерот за правда на Македонија, Агим Нухиу негираше дека Салаху ќе се сретне со осудените за „Диво Насеље“.

Премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши, меѓу другите точки за влез на Алтернатива во Владата, договорија и меѓународен мониторинг на случаите „Диво насеље“, „Монструм“, „Алфа“, „Алмир Алиу“.

Во престрелка во мај 2015 година во кумановската населба Диво Насеље, животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и десет членови на вооружената група.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37. Од нив 33 лица беа осудени за делата од кои седум на доживотна казна затвор, а останатите 26 лица на казни затвор од 12 до 40 години. За четири лица е донесена ослободителна пресуда.