Израелски воени авиони го ракетирале пристаништето Латакија во Сирија

Латакија, архивска фотографија

Израелски воени авиони рано утринава испукале ракети кон пристаништето во градот Латакија во Сирија, при што нема жртви, соопшти сириската армија.

Неколку ракети погодиле дел од пристаништето во кое се наоѓале контејнери кои се запалиле, изјавил неименуван воен претставник за локалните медиуми. Други детали не се соопштени.

Напади врз пристаништето Латакија, кое е од витално значење за увозот во земјата разорена од војната, ретко се случуваат.
Сириската државна телевизија објави дека се чуле пет експлозии во пристаништето и дека избил голем пожар, како и дека противпожарните возила брзо стигнале на местото на настанот.
Засега нема коментар од израелската војска.

Израел во изминатите години изведе стотина напади врз цели во делот на Сирија кој е под контрола на владата во Дамаск, но ретко презема одговорност и дискутира за таквите операции.
Во претходните напади, меѓу другото, цел беше и аеродромот во Дамаск.

Сепак, Израел потврди дека ги напаѓа базите на проиранските милиции, како либански Хезболах, кој има борци во Сирија, а ги напаѓа и испораките на оружје за таквите милиции.

Хезболах се бори на страна на силите на претседателот на Сирија Башар ал-Асад во граѓанската војна која цела деценија трае во земјата.

Израелските лидери велат дека иранското присуство на северната граница на Израел е црвена линија и ги оправдуваат нападите врз упоришта и оружје во Сирија.