ЕУ: Не постои подготвеност за дијалог меѓу Приштина и Белград

Косовскиот премиер Албин Курти (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Малку е веројатно дека наскоро ќе биде организирана нова рунда на дијалог меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво. Претставници на ЕУ запознаени со процесот, сметаат дека во овој момент Приштина и Белград не се подготвени за конструктивно да се вклучат во процесот.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека предуслов за одржување на следната средба е подготвеноста на страните да договорат конкретни резултати за доброто на своите граѓани.

„Неодамнешниот контакт на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност (Жозеп Борел) и дипломатија во негово име од страна на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, покажа дека во моментов нема таква подготвеност“, наведе Стано во писмен одговор кој го достави до медиумите.

Инаку, можноста до крајот на годинава да се одржи нова средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, минатиот месец ја најави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Кон крајот на ноември, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог ги посети Белград и Приштина во обид да организира нова рунда разговори на највисоко политичко ниво.

Извори на Радио Слободна Европа потврдија дека Лајчак се вратил „целосно обесхрабрен“ по разговорите со српските, односно со косовските политичари.

Откако ја презеде функцијата шеф на косовската влада, Албин Курти два пати се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ во рамки на дијалогот.

Двете средби беа неуспешни и беа причината европските претставници да велат дека следниот или третиот круг ќе се одржи само ако има волја да се оди напред во дијалогот.

Косовскиот премиер во вторник ќе престојува во Брисел за да се сретне со високи претставници на ЕУ, вклучително и со Жозеп Борел.

Според бриселските власти, средбата со Борел ќе биде последна можност за оваа година да се направи обид да се организира средба меѓу Курти и Вучиќ.