Русија и Индија дискутираат за оружје, енергија и ситуацијата во Авганистан пред средбата Путин-Моди

Рускиот претседател Владимир Путин се ракува со индискиот премиер Нарендра Моди. Њу Делхи, Индија, 6 декември 2021 година.

Одбраната, оружјето, нуклеарната енергија и ситуацијата во Авганистан се темите кои доминираа на денешните дискусии, во пресрет на разговорите во Њу Делхи меѓу рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави дека договорот за снабдување на Индија со противвоздушните одбранбени ракетни системи С-400 ќе се оствари и покрај, како што рече, напорите на САД да го поткопаат договорот.

Индија почна да ги добива испораките на напредниот руски систем според договорот од 5,4 милијарди долари постигнат во 2018 година, што потенцијално ќе го стави Њу Делхи под на санкции на САД.

Лавров пред новинарите исто така рече дека двете страни се согласиле дека талибанците, кои во август повторно ја презедоа контролата врз Авганистан, мора да ги исполнат своите ветувања да имаат инклузивна, етнички и политички мешана влада, да ги штитат човековите права и да спречат какви било терористички закани и трговија со дрога на авганистанско тло.

Патувањето на Путин во Индија е само негово второ патување надвор од Русија по избувнувањето на пандемијата на коронавирус.

Се очекува Путин и Моди да се фокусираат на работата на нивните земји во Г20, Шангајската организација за соработка и на членството во групата БРИКС на големите економии во развој.