ССМ најави голем работнички протест, можен е и генерален штрајк

Сојуз на синдикати на Македонија ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека на 12 декември, со почеток во 12 часот и 12 минути во Скопје ќе организираат протест со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови и на сите работници од работниот однос.

Од ССМ велат дека поттикнати од актуелната општествено- економска социјална состојба, недостатокот на слух од страна на државните институции за нивните поднесени барања, тие на протестот ќе побараат исполнување на следниве барања: усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор согласно договореното на Економскиот – социјален Совет по пат на социјален дијалог. Понатаму бараат измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60% од просечната плата, односно истата да се зголеми најмалку на 18.000 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата.

Од ССМ бараат и потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор и потпишување на Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството

„Во наредниот период, а во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, ССМ ќе повика на генерален штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, на начин определен од страна на штрајкувачки одбор. Се обраќаме до сите работници и граѓани (пензионери, стечајни работници, невработени, студенти) на оваа држава кои се засегнати од сите овие прашања, како и други прашања во врска со нивната егзистенцијална положба, да ни се придружат и да ни дадат поддршка, односно безрезервно да ни се приклучат во сите активности што на овој план ќе ги преземеме во наредниот период зошто колку сме побројни толку сме посилни и погласни за обезбедување на нашите права“, соопштија од ССМ.