Макрон: Можна е заедничка мисија на европските земји во Авганистан

Емануел Макрон

Неколку европски земји работат на отворање на заедничка дипломатска мисија во Авганистан, што ќе им овозможи на нивните амбасадори да се вратат во земјата, рече францускиот претседател Емануел Макрон денеска. Соединетите Држави и другите западни земји ги затворија своите амбасади и ги повлекоа дипломатите кога Талибанците го зазедоа Кабул во август 2021 година. Тогаш Талибанците формираа привремена влада чии членови се под санкции на САД и на Обединетите Нации.

„Размислуваме да организираме неколку европски земји на заедничка локација. Тоа ќе им овозможи на нашите амбасадори да бидат присутни“, рече Маркон во Доха пред да замине за Саудиска Арабија.

Соединетите Држави и европските земји не сакаат формално да го признаат талибанското движење и ги обвинуваат новите власти дека не ги исполниле ветувањата за политичко и економско вклучување и поддршка за правата на жените и малцинствата, пишува Ројтерс.

„Ова е различен демарш од политичкото признавање или политичкиот дијалог со Талибанците. Ќе имаме претставништво штом можеме да го отвориме“, изјави Макрон.

Во изјавата пред седум дена, по разговорите со Талибанците, ЕУ ја спомена можноста за отворање дипломатска мисија во блиска иднина.