Кремљ – Договорен првичен датум за видео разговор Путин - Бајден

Путин и Бајден во Женева, јуни 2021.

Рускиот претседател Владимир Путин следната недела ќе има видео-разговор со американскиот претседател Џо Бајден по посета на Путин на Индија, изјави денеска пред новинарите помошникот на Путин, Јури Ушаков.

Ушаков не прецизираше кога точно ќе се одржи видеоповикот, велејќи дека се уште се разработуваат конечните детали за разговорот.
„Контактот треба да се случи во рок од неколку дена. Веќе имаме конкретен датум и време за оваа видеоконференција. Но, подобро е да почекаме сите параметри да бидат целосно договорени со американската страна, а потоа ќе можеме официјално да објавиме“, рече Ушаков.

Според Ушаков двајцата лидери ќе разговараат за напредокот во спроведувањето на договорите постигнати меѓу Бајден и Путин во Женева во јуни, за „незадоволителните“ билатерални односи, за Авганистан, Иран, Либија, кризата во Украина и дијалогот за стратешка стабилност.

Помошникот на Путин истакна дека Москва се надева дека ќе се разговара и за барањата на Русија за правни гаранции против проширувањето на НАТО кон исток, додавајќи дека „најверојатно ќе биде разгледана“ и идејата иницирана од Русија за одржување на самит на лидерите на Советот за безбедност на Обединетите нации .

Извештаите за трупање на десетици илјади руски војници во близина на украинската граница во последните недели ги поттикнаа САД и неколку нивни сојузници во НАТО да ја повторат во последните денови нивната поддршка за независноста и територијалниот интегритет на Украина.

Еден ден претходно, американскиот државен секретар Антони Блинкен ја повика Русија да ги повлече своите војници распоредени во близина на Украина и да бара дипломатско решение за ескалацијата на тензиите во регионот, предупредувајќи ја Москва дека ќе плати висока цена во случај на агресија врз нејзиниот сосед.

Русија незаконски го анектираше украинскиот полуостров Крим во март 2014 година. Набргу потоа, Москва почна да ги поддржува сепаратистите во источна Украина во конфликтот во кој загинаа повеќе од 13.200 луѓе.

Украина и западните официјални лица велат дека Русија држи десетици илјади војници и тешка наоружување во близина на украинската граница од воените вежби што се одржаа во западна Русија на почетокот на оваа година.

Русија негира дека планира напад и ја обвинува Украина и нејзините западни поддржувачи за подигање на тензиите, посочувајќи на, како што вели, слично зајакнување на украинската војска.