Проф. Бибер: Да се најде начин Бугарија да си го спаси угледот

Проф. д-р Флоријан Бибер

Северна Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото за членство во Европската инија (ЕУ) ќе треба некаков симболичен компромис или механизам за Софија да го спаси својот углед. А, за таква промена потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека можеби треба да ги има на ум сите домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор.

Ова, во интервју за МИА, го вели професорот од Универзитетот во Грац и експерт за Балканот, д-р Флоријан Бибер.

Во однос на тоа дали има можност Македонија да биде одблокирана овој месец, Бибер, вели дека не гледа јасна причина зошто да верува дека ќе се тргне ветото во декември, но дека ништо не е невозможно и „ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, со оглед дека Германија, која е најголемиот поддржувач се наоѓа во преодна фаза на владата и останува да се види што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија“.

Бугарија веќе подолг период е со вето за македонското членство во ЕУ, кое го образложува со недобрососедска политика од страна на официјално Скопје. Претходно, во барањата на Софија беа да се признаат бугарски корени на македонскиот идентитет и јазик, а последните неколку месеци Софија се фокусира на, како што вели, „кршење на правата на Бугарите во Македонија“ и на барањата за внесување на Бугарите во Уставот на Македонија.