Радев на Макрон му ја пренел бугарската позиција за С.Македонија

Стразбур- францускиот претседател Емануел Макрон и бугарскиот претседател Румен Радев,02.12.2021

Бугарскиот претседател Румен Радев во Стразбур разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти прес-службата на претседателот на Бугарија. Радев на Макрон, како што се наведува во соопштението, му ја пренел позицијата на Бугарија дека очекува конкретни резултати во дијалогот со Република Северна Македонија што ќе гарантираат европски вредности во почитувањето на човековите права, прекинување на говорот на омраза и заштита на бугарското културно-историско наследство во држвата.

Теми на разговор, како што пишува, биле и прашањата меѓу двете земји и влегувањето на Бугарија во Шенген зоната, за што Радев истакнал дека Бугарија ги исполнила техничките критериуми за членство уште во 2011 година и дека очекува тоа да биде признато од нејзините европски партнери.

Инаку Макрон, заедно со германската канцеларка Ангела Меркел и македонскиот премиер Зоран Заев се сретнаа со Радев и во почетокот на октомври, на самиот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ. Тогаш беше најавен планот 5+1 за решавањето на бугарско-македонскиот спор поради кој се блокирани македонските европски интеграции.

Претходно годинава Заев беше во официјална посета на Франција, а за време на заедничката изјава пред Елисејската палата во Париз Макрон рече дека земјава заслужува да ги почне преговорите без одложување.

"Време е да се конкретизира оваа одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите“, рече тогаш Макрон.