Предлози за ротирачко претседателство со Парламентот во Бугарија

Кирил Петков од „Промената продолжува“

Претседавачот со бугарското Народно собрание да ротира секоја година, предлага коалицијата „Промента продолжува“, која преговара со бугарската Социјалистичка партија (СП), „Има таков народ“ и „Демократска Бугарија“ за формирање ново парламентарно мнозинство и бугарска влада.

Предлогот е прв претседавач да биде лидерката на СП Корнелија Нинова. Според бугарскиот сервис на Слободна Европа, тоа предизвикало тензии кај дел од учесниците во преговорите и прашањето се уште е нерешено.

Идејата е за цел мандат секоја од четирите парламентарни партии во идната владејачка коалиција да има собраниски спикер.

Според предлозите Министерскиот совет на Бугарија ќе има нова структура во која ќе биде вклучено и ново Министерство за електронско управување, Агенцијата за патишта ќе премине во Министерство за транспорт, а шумите ќе бидат под директна контрола на премиерот. Ова се дел од измените предвидени во нацрт-планот на „Промента продолжува“ испратени до другите партии со кои преговараат, јавува бугарскиот сервис на РСЕ.

Првата седница на 47. Народно собрание ќе се одржи во петок (3 декември).

Се очекува четирите партии да потпишат коалициски договор, но не е јасно кога тоа ќе се случи. Сите четири партии во моментов одбиваат официјално да ги коментираат разговорите.