Владата предлага уште 6 месеци енергетската кризна состојба

Илустрација - Струјомер

Продолжување на рокот на кризната состојба за уште шест месеци ќе побара Владата од Собранието, соопштија од владината прес-служба. Ваквата одлука е донесена на денешната 123-та седница на Владата, одржана онлајн.

На седницата е утврдена Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во земјата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

Владата му предлага за Собранието да одобри продолжување на рокот на кризната состојба за уште шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година.

Предлогот за продолжување на рокот на кризната состојба има за цел да обезбеди континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија, се наведува во соопштението до Владата.

Претходно денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара да се закаже собраниска седница на која ќе биде продолжена енергетската кризна состојба.

Владата на 9 ноември донесе одлука за прогласување енергетска кризна состојба со рок на траење од 30 дена, а истата би требала да заврши на 08 декември годинава.

Земјава во моментов се соочува со енергетска криза, главно од зголемените цени на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја на слободниот пазар не се во можност да ја достават количината на струја која ја договориле со други фирми и државни институции.