ОН повика соседите на Авганистан да ги отворат границите

Авганистан- Луѓе чекаат да ја преминат границата меѓу Авганистан и Иран.

Соседите на Авганистан да ги отворат своите граници за да може Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата да го стојат тоа, дури и ако немаат документи, повика денеска Агенцијата на ОН за бегалци.

Копнените граници на Авганистан со Пакистан и Иран во моментов се отворени само за Авганистанците кои имаат пасоши и визи, додека границите на Таџикистан и Узбекистан се целосно затворени за нив, соопшти денеска Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).

Во соопштението објавено на 1 декември се наведува дека од УНХЦР се длабоко загрижени за ескалацијата на ризиците со кои се соочуваат Авганистанците кои сакаат да побегнат во трите соседни држави, откако ситуацијата во нивната земја продолжи да се влошува по преземањето на власта во август од страна на талибанските милитанти.

Агенцијата на ОН нотира дека во Авганистан им се ограничува образованието на девојчињата, ограничено е движењето на жените, не им се дозволува да работат, се таргетираат верски и етнички малцинства, се заплашуваат и убиваат адвокатите за човекови права.

УНХЦР ги повика властите на сите земји да престанат со присилното враќање на Авганистанците, истакнувајќи дека на многу од нив можеби им е потребна заштита.

Се проценува дека Иран просечно депортирал по 3.000 Авганистанци дневно помеѓу август и ноември. Околу 1.800 депортации имало од Пакистан во текот на септември и октомври, а од Таџикистан депортирани се 23 Авганистанци баратели на азил, меѓу нив имало и жени и деца, наведуваат од ОН.

УНХЦР предупреди дека економското влошување и широко распространетата глад во Авганистан може да принудат илјадници други да ја напуштат земјата за да преживеат.

Авганистан е на работ на хуманитарна катастрофа, при што повеќе од половина од неговото население е изложено на ризик да нема доволно храна во текот на зимата, се наведува во извештај на ОН.