За шест проценти намален бројот на заболени од ковид-19 на неделно ниво

Помалку тестирања за ковид, но и помал број за нови случаи регистрира Институтот за јавно здравје во периодот од 22 ноември до 28 ноември. Бројот на тестирања во однос на неделата претходно е намален за 5,1 отсто, а бројот на нови случаи за 6,1 проценти.

Процентот на позитивност се движи од 9,5 до 17,5 отсто или просечно 14,3 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово, се наведува во Извештајот објавен на веб страницата на Институтот за јавно здравје.

Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, освен кај возрасната група до девет години, каде има за 14,4 отсто повеќе случаи. Најзабележително е намалувањето кај возрасната група на лица од 10 до 19 години (-10,7 отсто).

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нејаснотии со Омикрон сојот на коронавирусот

Минатата недела има повеќе заболени женски лица, отколку машки. Во текот на мината недела вкупно се пријавени 44 реинфекции, што е за 10,2 отсто помалку во однос на претходната недела.

Пријавени се 98 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, во однос на 91 смртни завршетоци во 21 град во претходната недела. Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50 до 59 години (шест), од 40 до 49 години (три) и 30 до 39 години (три).