Блинкен -Сериозни последици за Русија ако има нова агресија кон Украина

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја предупреди Москва дека секоја повторна агресија на Украина ќе предизвика „сериозни последици“, во услови на зголемена загриженост на Западот поради трупањето руски војници на границата со Украина.

Зборувајќи на прес-конференција во Рига, каде што учествува на состанок на министрите за надворешни работи од НАТО, Блинкен денеска оцени дека трупањето на руски војници е „необично“ и дека „секоја ескалациска постапка од страна на Русија ќе биде од голема загриженост за САД“.

Дополнителната поддршка за украинската војска и потенцијалот на НАТО за зајакнување на силите распоредени долж источната граница се очекува да бидат темите на дневниот ред на дводневниот состанок во главниот град на Летонија.

Алијансата се обидува да му покаже на Кремљ дека ќе се соочи со сериозни последици ако ѝ и се заканува на Украина.

Русија, која го анектираше Крум од Украина во 2014 и ги поддржува проруските сепаратисти во конфликтот во источна Украина, негира дека планира напад и го обвини НАТО дека ги подгрева тензиите.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус рече дека секоја сугестија дека НАТО ја провоцира Русија е лажна.

Украина, која претендира да стане членка на НАТО, го испрати шефот на дипломатијата Дмитро Кулеба на разговорите во Рига. Тој вчера рече дека Русија распоредила 115 илјади војници и тешко вооружување во близина на границата со Украина, во окупираниот Крим и во делови од источна Украина кои се под контрола на проруските бунтовници.