Во санкциите на ЕУ кон Белорусија опфатен и авиопревозникот Белавија

Авион на ационалниот авиопревозник Белавија

Европската унија треба да го усвои петтиот пакет санкции против Белорусија, кој ќе опфати 17 лица и 12 компании. Со новите санкции ќе бидат таргетирани они кои учествувале во оркестирањето на мигрантската криза на границите на Белорусија со ЕУ.

Се очекува новите санкции да бидат усвоени утре, на 1 декември. Радио Слободна Европа имаше увид во списокот на оние кои ќе бидат санкционирани, меѓу нив се националниот авиопревозник Белавија и туристички компании кои се обвинети дека им помагале на мигрантите, главно од Блискиот Исток, да дојдат до границите на Белорусија со Унијата.

Дополнително, на списокот се ставени и неколку судии и функционери од правосудниот систем, кои, како што се наведува, му помогнале на режимот на авторитарниот лидер Александар Лукашенко да го сузбие несогласувањето од неговите противници по спорните избори во август минатата година.

ЕУ го обвинува Лукашенко дека води „хибридна војна“ дозволувајќи им на мигрантите да пристигнат во земјата, а потоа да се насочат во границите со Унијата. Според ЕУ, Лукашено тоа го прави за да се одмазди за санкциите што Унијата ги воведе против неговиот режим.

Членките на ЕУ - Полска, Латвија и Литванија поставија огради и распоредија илјадници граничари, војници и полицајци за да ја запечатат границата, откако на граничните линии почнаа да кампуваат илјадници мигранти. Според хуманитарните групи, во последните месеци загинале најмалку 11 мигранти.

Белоруските власти неодамна ги расчистија импровизираните мигрантски кампови на границата и префрлија околу 2.000 луѓе во магацин претворен во засолниште, а истовремено дозволија и летови за враќање на луѓето од таму од каде што дошле.