Пешев – Фирмите не може да издржат уште еден локдаун, владата да воведе задолжителна вакцинација

Илустративна фотографија.

Стопанството не може да издржи уште еден локдаун поради коронавирусот. Капацитетите на нашите компании не се во можност да го издржат тоа. Ако ни се случи уште еден бран ќе биде катастрофално и компаниите ќе мора да се затворат, а работниците ќе останат без работа. За тоа да се спречи потребна е масовна вакцинација, порача извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев.

Тој денеска рече дека производниот процес во фирмите повеќе не може да трпи постојано да има 20-тина отсто од луѓето надвор од функција поради заболени од КОВИД-19, особено во колективите во кои се работи во мал затворен простор. Затоа сакаат да се создаде ситуација во која, како што рече, функционирањето на компаниите ќе биде логично и остварливо во услови на пандемија.

„Цениме дека треба да се направат максимални напори за да не трпи процесот на производство. За нас се исти вакцинираните и прележаните. Логична ни е мерката после вакцинација да следи слободен ден, но не мислиме дека има објективна причина за да не се вакцинираат работниците. Сметам дека треба Владата да преземе порадикални чекори и да ја направи задолжителна вакцинацијата“, рече Пешев.

Тој рече дека се противат работодавачите да ги плаќаат тестирањата за тие што не сакаат да се вакцинираат.

„Вирусот уште најмалку една година ќе циркулира затоа државата мора да најде механизам и ако ништо друго да се прави тестирање и да обезбеди тестови по исклучително ниски цени за да може компаниите да ги спроведуваат по неколку пати во месецот“, потенцира Пешев.

Комисијата за заразни болести предложи вработените кои се невакцинирани редовно да прават ПЦР тестови за да може да одат на работа. Синдикатите се противеа, па министерот за здравство Венко Филипче најави дека тестирањето ќе биде на товар на работодавачите. Власта сè уште не го усвои овој предлог.