Протести во Белград за чист воздух

Белград - Протест на екоактивисти против загадувањето на воздухот. 28.11.2021.

„Нѐ задушувате“ е пораката што беше пратена на денешниот протест во центарот на Белград, каде се собраа еколошки активисти и дел граѓани.

Демонстрантите побараа од надлежните проблемот со аерозагадувањето да биде решен. Протестот го организираше неформалната група граѓани „Еко-стража“.

Од почетокот на годината, апликацијата за мерење на квалитетот на воздухот „Air Visual“ во неколку наврати ги вклучуваше Белград и уште неколку градови во Србија на листата на најзагадени во светот. Прекумерното загадување го забележаа и мерните станици на Републичката агенција за заштита на животната средина.

„Нема да гледам како загадувањето им носи болести на моите деца или ги тера да бегаат“, рече на протестот Бојан Симишиќ од „Еко-стража“. Тој рече и дека загаденоста не мора да се мери бидејќи, како што наведе, се гледа.

Докторката Маријана Матејиќ Спасиќ во своето обраќање рече дека половина од сите годишни смртни случаи во Србија се срцеви заболувања, а дека околу 50.000 луѓе умираат од последиците од инфаркт и кардиоваскуларни заболувања.

„Загадувањето на воздухот игра важна улога во сето ова“, рече таа.

Од „Еко-стража“ рекоа дека на надлежните им даваат рок од еден месец за да реагираат, наведувајќи дека во спротивно следуваат блокади на сообраќајот.

По обраќањата на учесниците во собирот и читањето на прогласот со порака дека воздухот во Србија „има размери на хуманитарна катастрофа“, учесниците поминаа покрај главните државни институции, како Собранието и Претседателството.