Груби - Оставката на Заев од функцијата премиер треба да почека

Архива - Првиот вицепремиер на Владата на Северна Македонија, Артан Груби.

Оставката на Зоран Заев на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија треба да почека, изјави денеска првиот вицепремиер Артан Груби.

„Имаме многу битни прашња пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања коишто се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговори за членството во ЕУ“, изјави Груби.

Вицепремиерот денеска беше во посета на Основното училиште „Исмаил Ќемали“ заедно со европратеникот Илхан Ќучук.

Инаку, СДСМ вчера на 26 ноември му ја утврди оставката на претседателот на партијата и актуелен премиер Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори за 12 декември за избор на нов лидер на партијата.

Заев, одлуката да се повлече од позицијата претседател на партијата и премиер на државата ја најави на 31 октомври, по вториот круг од локалните избори на кои СДСМ загуби од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Груби рече дека неговата партија ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател и дека тое е нивно внатрепартиско прашање.

Во однос на парламентарното мнозинство, Груби рече дека тоа е стабилно и дека се добредојдени сите што сакаат евроатлантска Република Северна Македонија. Тој додаде дека парламентарното мнозинство ќе се стабилизира и дека ќе биде поголемо од тоа што е сега, односно дека ќе треба да го заврши мандатот во 2024 година.