Јовески: 45-то тело е на лице на помала возраст

Обвнителот Јовески во Бугарија

Во опожарениот автобус на „Беса Транс“ е пронајдено 45-тото тело, се работ за лице на помала возраст, рече денеска Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, на прес конференција. Телото кое било пронајдено во изгорениот автобус е пренесено во Институтот во Бугарија, рече обвинителот. Со тоа во несреќата настрадале 45 патници, а седум се пренесени на лекување во софиската болница, изјави Јовески. Обвинителот вели дека не треба да се има сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело.

„Затоа што од сликите што ги видовте, автобусот е многу оштетен. При соодветните вештачења во дел од автобусот е пронајдено уште едно тело. Според тоа, ја уверувам јавноста да нема никаков сомнеж во тоа и тоа ми го потврдија и бугарските обвинители и ова е неспорен факт“, изјави Јовески.

Тој информираше дека на обвинителите од Бугарија, кои денеска пристигнале во земјава, утре ќе им бидат предадени ДНК анализите од роднините на покојните, заедно со документација што е досега обезбедена, пред се одземените документи од „Беса транс“ и податоци од Министерството за транспорт и врски.

Јовески посочи дека на експертизата за утврдување на идентитетот од ДНК анализата ќе присуствуваат и двајца претставници од Судска медицина со цел да се забрза постапката.

Претходно бугарскиот заменик главен обвинител Борислав Сарафов соопшти дека е пронајдено 45-то тело при дополнителен преглед во изгорениот автобус.