Над 600 мигранти од Белорусија се вратија во Ирак

Ирачки мигранти на аеродромот во Минск.

Околу 600 Ирачани кои со недели се блокирани на границата меѓу Белорусија и Полска денеска се вратија дома, соопштија ирачката влада и официјални лица во автономниот курдски регион.

Стотици Ирачани, повеќето од нив Курди, се вратија дома минатата недела со првиот лет за репатријација од Белорусија. Тие кампуваа на ниски температури на границите меѓу Белорусија и земјите членки на ЕУ.

Портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи Ахмед ал-Сахаф вчера изјави дека 617 граѓани доброволно ќе се вратат во татковината со два лета на ирачката авио компанија Ирак ервејс од Минс до Ирак.

Двата авиони слетале на 26 ноември во Ирбил, главниот град на северниот курдски регион, објавија повеќе медиуми.

На 18 ноември со авион се вратија вкупно 431 мигранти. Авионот прво запре во Ирбил пред да полета за Багдад.

Брисел ја обвини Белорусија дека се обидува да ја дестабилизира Унијата со тоа што донесе илјадници луѓе од Блискиот Исток на границите со земјите членки на ЕУ - Полска, Литванија и Латвија. Според ЕУ, Минск им се одмаздува за санкциите што Унијата ги воведе за режимот на Александар Лукашенко, поради неговиот однос кон неистомислениците и задушувањето на протестите по спорните избори лани во август.