На преживеаните во несреќата им се вршат операции и добиваат психолошка поддршка

Роднини на жртвите пред болницата Пирогов во Софија чекаат информации за своите блиски.

Преживеаните од сообраќајната несреќа на бугарскиот автопат во која за загинаа 46 луѓе се во стабилна состојба и на сите им се направени неколку оперативни зафати, изјавија утрово лекарите од бугарската болница Пирогов во Софија, каде што се хоспитализирани преживеаните.

Тие посочија дека тројца од преживеаните денеска ќе бидат оперирани. На еден од нив ќе му се прави операција на двете раце кои му се скршени, а на една девојка ќе и се прави операција на десното колено, затоа што вчера и било оперирано левото колено.

Лекарите додаваат дека сите седуммина добиле психолошка помош уште вчера затоа што се соочуваат со траума од страшен инцидент.

„Стресот што го преживеале е голем, еден од пациентите е во тежок психички шок, со него работат психолози заедно со сите други специјалисти кои им пружаат помош на пациентите“, изјави докторката од бугарската болница Маја Аргирова.

Според Аргирова, едното лице кое треба да биде оперирано е со изгореници на рацете, додека пак на друга девојка треба да ѝ биде извршена операција на десното колено. Аргирова додава дека шест пациенти се сместени на Клиниката за хирургија, додека едно лице е на Клиниката за трауматологија.


Во вчерашната автобуска несреќа на македонски превозник во Бугарија загинаа 46 луѓе, а седум се повредени. Тие се наоѓаат во болница во Бугарија.

Од македонското министерство за здравство соопштија дека сите седум пациенти ќе останат на болничко лекување до петок, а потоа ќе се направи план за нивен транспорт во Скопје.