Одложена оставката на Заев од партиската функција

Зоран Заев во партиското седиште на СДСМ по вториот круг од локалните избори.

СДСМ ги одложи денешните седници на Централниот и Извршниот одбор заради автобуската несреќа во Бугарија, соопштија од владејачката партија.

„СДСМ и целиот наш народ е во болка и тага поради страшната трагедија што се случи во Бугарија. Закажаните состаноци на ИО и ЦО се одложени. Сочувство до семејствата и целиот наш народ“, соопштуваат од партијата

На состаноците требаше да биде констатирана оставката на лидерот на партијата Зоран Заев. Тој претходно најави дека ќе побара раководството на партијата да му ја констатира оставката што тој ја најави по вториот круг на изборите на 31 октомври.

Одложен е и за денеска најавениот состанок на раководството на партијата Алтернатива, која одлучува дали ќе влезе во владината коалиција.

Откажувањето на состанокот, како што велат оттаму, е во знак на солидарност со жртвите од трагедијата во Бугарија и нивните семејства.

Пратеници на оваа партија еднаш ја потпиша иницијативата за уривање на Владата, а сега дискутира за влез во истата.

Откако ќе му биде констатирана оставката на Заев од партиската функција треба да започне процесот за избор на нов претседател на СДСМ. Заев смета дека новиот претседател на СДСМ треба да биде идниот мандатар за состав на влада.

Заев најави оставка од двете функции поради поразот на локалните избори, но органите на неговата партија на 9 ноември одлучија да ја одложат оставката на двете позиции на неодредено време за да се стабилизира партијата, да се продолжи европскиот пат и да не се пропушти можноста за преговори со ЕУ ќе започне во декември.

Заев и Гаши имаа состанок во петокот, на 19 ноември и разговараа за можностите за зголемување на владејачкото мнозинство.