Синдикатите бараат ПСР тестовите за невакцинираните административци да биде на трошок на работодавецот

Утре на владина седница ќе се разгледуваат барањата кои синдикатите ги доставија до министерот за здравство Венко Филипче за измена на предложените мерки на Комисијата за заразни болести за невакцинираните во јавниот сектор.

Министерот изјави дека претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита доставиле три барања - платени слободни два дена за вакцинација на работниците, потоа доколку работникот не сака или не може од некоја причина да се вакцинира тогаш задолжителните ПСР тестови кои треба да се прават два пати неделно да бидат на сметка на работодавецот и мерката за приложување на сертификат за примена една доза вакцина против ковид -19 да важи после 15, а не како досега планираните 10 дена, со цел да се остави време за едукација на членството на синдикатите.

„ Во една специфична дискусија со претседателот на сидникатот за здравство се изнајде правниот основ со кој може вакцинацијата да биде задолжена за здравстевните работници, има такви одредби во правилниокот за имунопрофилакса имајќи предвид специфичноста на ситуацијата“ изјави Филипче.

Претседателот на Сојуз на синдикатите Дарко Димовски по средбата изјави дека на средбата ги образложиле своите барања.

„ Баравме одлагање на мерките од 15 дена со цел да разговараме со членството и да кажеме дека јавното здравје е пред се. Јас лично сум вакциниран и не гледам зашто и другите да не се вакцинираат. Но наш проблем и проблем на работниците беше чив ќе биде товарот за тие што нема да сакаат да се вакцинираат и ќе мора да спроведат ПСР тестови, односно кој ќе плати за тие ПСР тестови за да можеме ние да продолжиме со работниот процес“ изјави Димовски.

Предлог мерките за невакцинираните работници засега се однесуваат само на јавниот сектор, што значи дека според предлогот на ССМ, товарот за ПСР тестови кај тие што ќе одбијат вакцина во јавната администрација ќе биде на сметка на работодавецот, односно Владата или локалната самоуправа.

Според предложените мерки на Комисијата заразни болести административците за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, тие кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници. Утре Владата на седница ќе ги разгледува предложените мерки и барањата на синдикатите за нивна измена од првичната форма.